Македонија 12. март 2020. / 15:49

Спасовски: Не разговаравме за можно одложување на изборите, нема потреба од такви одлуки

Спасовски: Не разговаравме за можно одложување на изборите, нема потреба од такви одлуки

Премиерот Оливер Спасовски, по денешната средба со лидерите на поголемите парламентарни партии во врска со состојбата со коронавирусот, истакна дека на неа не разговарале за можно одложување на изборите, бидејќи процениле дека сега нема потреба да се носат такви одлуки.

– Во овој момент не разговаравме, бидејќи цениме дека нема потреба сега да носиме такви одлуки. Разговаравме за мерките, за тоа што треба да се преземе, за одговорноста и се договоривме дека за секоја нова состојба што ќе ја имаме, ќе седнеме ќе разговараме за се што ни претстои, рече Спасовски во изјавата по средбата.

Сега за сега, додаде тој, важно е да се усогласи кампањата со мерките на Владата, заради тоа што, како што рече, сите треба да се однесуваме одговорно и да знаеме дека добивањето ситни политички поени и партиски интереси нема да придонесат за здравјето на граѓаните.

Спасовски најави дека Кризниот штаб, преку мејл на дневна основа ќе ги информира политичките партии за да имаат информации и да ги планираат активностите.

Тој појасни дека на средбата биле отворени можни аспекти кои можат да бидат последица од оваа состојба во државата.