Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, преку видео порака упати честитка по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Нека ни е честит 5 мај – Денот на македонскиот јазик. Денеска го одбележуваме овој значаен ден во реалност која е современа, но неспорна – го зборуваме јазикот македонски, со нашата азбука, како официјално писмо. Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавањето, на пробивот, на препознавањето, на кодификацијата и на признавањето – вели Спасовски во обраќањето.
Тој додава дека нам ни останува да го чуваме и унапредуваме, а таа наша обврска има уште поголема важност ако се има предвид улогата на големите дејци, Мисирков и Конески.
Посебноста на македонскиот јазик е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји членки на Обединетите Нации каде што покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои – македонски јазик. Македонскиот јазик се користи слободно, секаде, низ целиот свет – вели Спасовски.
Спасовсдки во честитката вели дека овој ден не обврзува уште еднаш да испратиме јасна порака, дека треба да го негуваме и да го унапредуваме македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ.
Тоа е денот кога во 1945 година, Народната влада на Федерална Македонија го објави решението за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик. Денес, наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднината, а иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Нашиот, македонски јазик, самосвеста за неговата закрила, коренот на нашето битие, заштитникот на нашиот идентитет и иднина, е света обврска за сите нас – нагласува Спасовски.