Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, изјави дека веќе нема потреба од вонредна состојба и дека избори мора да има за да се вратат сите институции во полн капацитет, за да се справуваат со пандемијата и со економската криза.
Спасовски до денеска беше во самоизолација поради контакт со лице заразено со Ковид -19, а денеска заедно со министерот за здравство Венко Филипче беше во посета на Струмица, каде извршија увид на работата на новото болничко крило во Струмичката болница
Во моменти кога не може да се договорат политичките лидери настапуваат институциите на државата. Веќе нема причина за нова вонредна состојба во државата, уредбата предвидува дека 22 дена по завршувањето на вонредната состојба треба да се одржат изборите. Сите политички субјекти ги повикувам да излезат на политичкиот мегдан и да ги соочат своите концепти за иднината на државата и на основа на тие концепти да побараат поддршка од граѓаните – вели премиерот Спасовски.
Вонредната состојба, четврта по ред, истекува вечерва на полноќ, а лидерите на политичките партии се уште немаат договор за датумот за избори.