Владина делегација предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел.
Техничкиот премиер Спасовски ќе има обраќање на Меѓународната донаторска конференција „Заедно за Албанија“ во Европската Комисија, а ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателот на Европскиот Парламент Давид Мариа Сасоли, претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лејен, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија Оливер Вархелји.