Министерот за внатрешнивработи, Оливер Спасовски во врска со утрешното празнување на Водици, изјави дека имале состанок со МПЦ на кој што е договорено да не се одржи церемонијата поточно фрлањето на крстот во водите ширум земјава.
– Во текот на утрешниот ден ќе имаме засилени полициски контроли и секој кој нема да ги почитува забраните и протоколите ќе биде соодветно казнет, изјави Спасовски по средбата со неговиот црногорски колега, Сергеј Секуловиќ.
На новинарско прашање околу ситуациите во Вевчани, каде што карневалот беше растурен од полицијата, и во Нижеполе, каде непречено се собраа голем број на битолчани на промотивното скијање, Спасовски рече дека се работи за два различни настани.
– Во Вевчани се работеше за настан кој требаше да биде успешно организиран, додека во Нижеполе собирот беше спонтан. Ова е практично спонтано собирање на граѓани. Ние имавме полициски службеници и на Попова Шапка и во другите скијачки центри, меѓутоа немојте да очекувате дека МВР треба да биде единствено кое ќе треба да влијае во однос на ваквите настани, истакна министерот.