На денешната вонредна седница на Советот на општина Дебар, Хекуран Дука, од ДУИ, е избран за вршител на должноста градоначалник на Дебар.
Со осум гласови „за“, оние на советниците од редовите на ДУИ, СДСМ и ПЕИ, четири гласови против, на Алијасата за Албанците и Беса и два воздржани на ВМРО ДПМНЕ, беше потврдена одлуката од 17. јануари, со која Хекуран Дука, од ДУИ е нов вршител на должноста градоначалник на Дебар.
Претеходно со мнозинство гасови од функцијата беше разрешен Еуген Цами, кој на оваа функција беше избран на 10 декември, со гласовите на Алијансата за Албанците,Беса,ВМРО ДПМНЕ и ПЕИ.
На гласањето му претходеа меѓусебни обвинувања и аргументи за законски односно незаконски донесените одлуки, секој повикувајќи се на законски одредби и статутот на општината.
– Се е регуларно и врз основа на законските одредби,статутот и деловникот за работа на Советот. Вчера беа претставници од Државниот инспекторат од Министерството за локална самоупарава и тие го кажаа нивниот став а тоа е дека одлуките се донесени согласно законските нормативи. – рече Башким Машкули, претседател на Советот.
Досегашниот в.д. градоначалник се обрати пред советниците потсетувајќи ги дека побарал соработка од сите без оглед на партиската припадност и оти максимално ги почитувал надлежностите што ги предвидува функцијата
– Ваквата постапка не ме деморализира, туку напротив ме чини горд. Определен сум да работам праведно и во интерес на сите граѓани на општината,затоа ги повикувам служните да ми ги достават одлуките да ги потпишам и да извршме примопредавање на функцијата. – посочи Цами.
Тој порача дека максимално ќе се залага и ќе биде градоначалник за сите, а сето искуство ќе го насочи во интерес на граѓаните.
Педесет и шест годишниот Дука е роден во Дебар, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје,каде завршил специјализација по урологија. Вработен е во Општата болница во Дебар од 1994 годна.
Седницата ја следеше и претстваник на мисијата на ОБСЕ во нашата земја.