Советот на aмбасадори денеска преку соопштение изрази поддршка за ставовите на претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со случајот „Рекет“, за кој, како што велат, со големо внимание и загриженост ги следат расположливите информации поврзани со него, а во кој, се додава, покрај деловни и естрадни и новинарски личности се наводно инволвирани и членови на СЈО, правосудните власти и познати имиња на функционери од разни државни институции, но партиски членови на разни позиции.
– Советот на амбасадори дава целосна поддршка на претседателот на Републиката Стево Пендаровски за неговите цврсти ставови и пораки изразени на вчерашната конференција за медиумите. Недвосмислено Претседателот државнички застана зад принципите на правната држава и интересите на граѓаните, како и кредибилитетот на нашата држава со насочено внимание кон евроатланската агенда на Македонија. Ние, поранешните амбасадори кои членуваат во Советот на амбасадори би сакале да ја изразиме нашата определеност и заедно со истакнатите заложби на Претседателот Пендаровски да придонесеме за зачувување на довербата на меѓународната заедница која може да биде сочувана и почитувана со целосно расветлување на овој случај од страна на истражните и судските органи. – се наведува во соопштението.
Според Советот, после три децении, на прагот сме да ги оствариме нашите декларирани стратешки надворешно-политички заложби – членство во НАТО и добивање датум за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, а уште поважно е и враќањето на довербата на граѓаните дека градиме демократска држава по европските стандарди.
– Можни се натамошни непредвидени пречки во остварување на тие цели, но од своја страна треба да ги елиминираме сите можни пречки на тој пат. Правилната и вистинската судска разврска ќе биде гаранат дека сме правна држава во која владеењето на правото се применува врз секој граѓанин на Република Северна Македонија. – се посочува во соопштението од Извршниот одбор на Советот на амбасадори.