Македонија 12. декември 2018. / 18:06

Советникот од ПЕИ се правда: Од СДСМ и од ДУИ не ми кажаа како да гласам

Советникот од ПЕИ се правда: Од СДСМ и од ДУИ не ми кажаа како да гласам

Алијансата за Албанците на Зијадин Села, коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и Беса и избра в.д. градоначалник на Дебар од своите редови по смртта на Ружди Љата од ДУИ.

Во изборот на Еуген Цами за в.д. градоначалник учествувал и Абдија Мерсовски од ПЕИ, партијата на Фијат Цаноски и коалициски партнер на СДСМ. Со неговиот глас тој придонесе СДСМ и ДУИ да паднат од власт во Дебар, објави Независен.

– Јас не знам дали Алијансата за Албанците, Беса и ВМРО-ДПМНЕ имаат направено коалиција, но знам дека јас немам влезено во никаков политички договор. – изјави Мерсовски за Независен.

Тој тврди дека на состанокот на Советот не бил вклучен на „партиското далечинско“.

– Никој од коалицијата не најде за потребно да ме извести кој е ставот и за кого треба да се гласа. Отидов на состанокот неиспочитуван и неинформиран. Затоа гласав по сопствено убедување. – вели Мерсовски.

– Сметав дека докторот Дука треба да остане на своето работно место, да биде со пациентите, а пензионерот Цами привремено во наредните шест месеци да ја преземе градоначалничката функција и со нашата советничка помош во овој период да ги реализира зацртаните планови. Доколку мојата партија смета дека сум погрешил, може да ме санкционира. Но она што треба на сите да им е јасно е дека треба да развиваме политика за граѓаните, а не политика за партиите. – констатира советникот на ПЕИ.