Македонија 30. март 2020. / 13:22

Состојбата во Дебар и Центар Жупа стабилна: Денеска ќе бидат извлечени две лица затекнати од кризната состојба

Состојбата во Дебар и Центар Жупа стабилна: Денеска ќе бидат извлечени две лица затекнати од кризната состојба

Безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба е стабилна. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.

Од МВР посочуваат дека непречено се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминатите 14 дена беа во самоизолација, а денеска од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица.

Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби.

На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лицата што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Изминатово деноноќие, во периодот од 07:00 часот на 29.03. до 07 часот на 30.03.2020 година, едно лице од Дебар не ја почитувало забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на вирусот Ковид-19. Извршени се 29 контроли на евидентираните лица со решение за изолација, а спроведени се 107 контроли врз лицата во самоизолација – информираат од МВР.

Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

Во соопштението се наведува дека сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти.

Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници – стои во соопштението.

На бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, граѓаните може да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.