Македонија 23. ноември 2018. / 15:10

Состанокот на телото за помирување се одложи

Состанокот на телото за помирување се одложи

Состанокот на собраниското координативно тело за помирување кое треба да го изготви законот за амнестија најавен за денеска не се одржа.

Фросина Ременски, копретседавач на координативното тело вели дека денешниот состанок е одложен за следната недела поради тоа што е потребно повеќе време за консултации помеѓу сите инволвирани во подготовката на законското решение за амнестија.

Нова средба на координативното тело се најавува за вторник следната недела. Дека процесот ќе оди отежнато можеше да се насети веќе од вторникот односно по приведувањето на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

По неговото притворање во истражниот затвор Шуто Оризари дел од осумтемина пратеници кои гласаа за уставните измени оценија дека овој чин не е во насока на помирувањето.

Пратеничката Емилија Александрова, кој е копретседавач на координативното тело во изјава за Канал 5 рече дека последните притворања сериозно му наштетуваат и го опструираат процесот на помирување, а идентичен став изнесе и Крсто Мукоски.

Претходно членовите на телото за помирување најавија дека законот за амнестија ќе биде готов до средината на декември, рок што сега станува неизвесен.