Македонија 21. септември 2020. / 18:38

Сопругот на починатите родилка и бебе обвинува за лекарски пропусти во Гинеколошката болница

Сопругот на починатите родилка и бебе обвинува за лекарски пропусти во Гинеколошката болница

Седат Јашар, сопругот на 40-годишната родилка која почина пред два дена заедно со своето бебе, денеска во разговор за Алсат го обвини медицинскиот персонал во приемното одделение дека кај нив лежи причината за смртта на неговата сопруга.

Тој вели дека крварењето ѝ започнало кога се вратиле дома, по првиот преглед во Државната болница. Седат вели дека не му е јасно зошто неговата сопруга не била задржана во болницата иако имала болки, објави Алсат.

Откако повторно се вратиле во болницата, после интервенцијата, лекарите го известиле Седат дека бебето е мртво. Лекарите, вели, му ја вратиле само здравствената книшка на сопруга, но не ѝ направените ЦТГ за време на бременоста. Поради тоа, тој се сомнева за можна небрежност на медицинскиот персонал.

Но, од Гинеколошката болница ги негираат обвинувањата за пропуст на лекарите. Сепак, случајот веќе се истражува од внатрешната Комисија во гинекологија и од Комисијата формирана од Министерството за здравство.

Првата контрола за бременоста родилката ја имала во 5-тиот месец од бременоста бидејќи во тој период немало гинеколог во поликлиниката во Шуто Оризари. Немањето на соодветна гинеколошка грижа е еден од најголемите проблеми во Шуто Оризари. Повеќе од 8 илјади жени во оваа општина треба да одат во други општини или по приватни клиники. Некои од нив, не можат да си го дозволат ниту едното, ниту другото.

Министерот за здравство уште во јануари годинава вети дека проблемот со немањето на гинеколог ќе се реши, но тоа не се случи.

Во поликлиниката во Шуто Оризари 10 години нема гинеколог. Во 2017 овој проблем беше само привремено решен, бидејќи ангажираниот гинеколог за брзо време ја затвори амбулантата.