Македонија 06. март 2020. / 09:28

Сопругот на Марина Туцаковиќ ќе сведочи на „Рекет”

Сопругот на Марина Туцаковиќ ќе сведочи на „Рекет”

На денешното рочиште за случајот „Рекет“ треба да сведочат последните сведоци предложени Бојан Јовановски – Боки 13, првообвинет во случајот.

Како сведок е најавен Фута Радуловиќ, сопруг на најпознатиот српски текстописец Марина Туцаковиќ. Тој треба да потврди дека на Бојан Јовановски, на една од нивните средби во Белград му дал пари за естрадни активности. Тоа го потврди и возачот на Боки кој рече дека пликот со пари лично го ставил во неговата торба и оти Јовановски со семејството Туцаковиќ биле како фамилија.

На последното рочиште сведочеа и стилистот Сергеј Варошлија, сопственичката на оптика, Марија Јанковска и сопственикот на галерија, Алекс Кртов. Требаше да бидат сослушани и Владимир Тодоровиќ, Дејан Панделески и Јовче Ременски, но беа повлечени од одбраната, а сведокот Лидија Јаневака доставила медицинска документација дека е под стрес и не може да сведочи.

Овој случај каде обвинета е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, го води судијката Васка Николовска – Масевска, додека обвинението го застапуваа обвинителката Вилма Рускоска.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. Пресудата против него уште не е правосилна затоа што одбраната најави жалба пред Апелацискиот суд во Скопје.