Македонија 04. јули 2018. / 12:26

Солза Грчева: Пратениците да не гласаат за ратификација на договорот со Грција

Солза Грчева: Пратениците да не гласаат за ратификација на договорот со Грција

Партијата Глас за Македонија на Солза Грчева упати јавно барање до пратениците да не гласаат за ратификување на договорот со Грција.

„Не гласајте повторно за ратификацијана капитулантскиот договор Заев – Ципрас. Седницата на Собранието на Република Македонија на чиј дневен ред повторно ќе биде точката ратификација на договорот со Грција потпишан од Димитров – Коѕијас, е закажана за утре, ден по национален празник на големиот пријател од преку океанот, кој нашата ‘елита’ во фармерки го прослави спокојно и бодро – како да е нејзин празник“, се вели во соопштението.

Глас за Македонија, се додава во него, ќе го наруши празничното расположение на пратениците со порака да размислат како ќе гласаат.

„Имате уште едно деноноќие и единствена шанса да размислите, за да ја разбудите вашата совест, чувството на одговорност кон Уставот пред кој сте се заколнале да го штитите и пред граѓаните кои масовно се каат и откажуваат од гласот што ви го дале за да носите (и) судбински закони. Не гласајте повторно за ратификација на капитулантскиот договор Заев- Ципрас. Ајде кренете глава, кажете не и заедно со мнозинството на македонскиот народ да го славиме ослободувањето од ова црно, ѓаволско искушение, кое притиска со лажни ветувања и со понижувачки ‘правни’ досетки против уставниот поредок на Република Македонија“, велат од Глас за Македонија.