Сојузот на средношколци преку соопштение работата на Министерството за образование ја оцени со „1“. Незадоволни се што средните училишта сѐ уште се затворени.
–Помина цела година откако пандемијата ги затвори средните училишта. Поминаа 365 дена без еден средношколец да се врати во училишните клупи. Наместо да научат нешто од периодот март-јуни 2020 година и тоа време да го искористат за изготвување на јасна стратегија како и кога (средните) училишта ќе бидат повторно отворени, на институциите им се случи ERROR 404. Исто како и на училиште – кога не си подготвен за часовите, добиваш единица, така и МОН се здоби со една голема единица за својата работа по ова прашање, се вели во соопштението.
Сојузот објави и дел од анкета која ја спровеле меѓу членовите.
–Иако Сојузот се залага за комбинирана настава преку давање на конкретни предлози, гледаме дека тоа не се случува. Направивме истражувања за наставата од далечина и нејзините ефекти, коишто ни покажаа дека: 70% од учениците рекле дека во нивниот клас има ученици кои не се поврзуваат на настава. 80% од испитаниците го оценуваат квалитетот на онлајн наставата со 1, 2, или 3, велат од Сојузот.
Според средношколците, ова биле само краткорочни последици на наставата на далечината. А, според нивните предивидувања, тоа ќе влијае многу врз развојот на учениците.