Комисијата за избори и именувања едногласно и без расправа ги констатира имињата на кандидатите за членови на Државната изборна комисија (ДИК), а за попладнево во 18 часот закажана е пленарна седница на која пратениците ќе треба да го изберат новиот состав на ДИК, а ќе ја води претседателот Талат Џафери. В сабота, пак, се очекува да биде изгласана и одлуката за референдумот.
Покрај изборот на членови на ДИК, во Собранието ќе бидат разгледани и измените во законот за финансирање на политички партии, на Законот за Влада и измените на Изборниот законик, според договореното на лидерската средба во понеделникот. Според неофицијалните информации, во собраниската архива веќе се доставени трите закони и не е исклучено тие да бидат донесени уште вечерва на собраниската пленарна седница.
На седницата на Комисијата за избори и именувања која што ја води пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, констатирано е дека Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претседател на Комисијата, а негов потпретседател ќе биде Дитмире Шеху од ДУИ. Елизабета Постоловска е избрана како член од ВМРО-ДПМНЕ. Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевски се членови на ДИУК од СДСМ, а Енвер Салиу од Беса на Касами.
Претходно, потпретседателот на Собранието од НСДП, Горан Мисовски изјави дека е постигната согласност меѓу власта и опозицијата за составот на ДИК и законските решенија што беа договорени на лидерската средба, и оти тие најверојатно в сабота ќе бидат донесени на собраниска седница на која ќе биде распишана и одлуката за референдумот.
„Нѐ очекуваат клучни моменти за иднината на Македонија. Имаме усогласени предлози. Дајте да ја избереме ДИК, да ги донесеме тие три закони за кои веќе имаме согласност дека координаторите ги потпишале, да ги ставиме во процедура и да го утврдиме референдумското прашање“, рече Мисовски на седница на Комисијата за надворешни работи.