Собранието на Република Македонија конечно, после 5 месеци од разрешување на стариот започна процес за именување на нов состав на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка откако вчера на Комисијата за избори и именување од страна на членовите беше предложен новиот состав.
Поради застојот во избор на нов состав, вработените во стручната службата на оваа Комисија немаат земено плата пет месеци по ред, а немаат ниту здравствено и пензинско осигурување.Во писмото кое тие го испратија до „Макфакс“ се вели дека Комисијата е во катастрофална состојба, немаат никакви услови за работа, а хронично болните се оставени на милост и немилост бидејќи не можат да ја набават потребната терапија без здравственото осигурување, а лековите не можат да ги земат приватно бидејќи се оставени речиси половина година без плата.
Од страна на Комисијата за избори и именување како претседател на Државната комисија е предложена Елизабета Русеска, дипломиран правник од Охрид. Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка заедно со претседателот брои вкупно 7 члена, а како предлог од Комисијата за избори и именувања покрај Русеска како претседателка се најдоа и Искра Давитковска – Костова, правник од Скопје, Ристанка Лалчевска, дипломиран правник од Охрид, Мирјана Панајотова, дипломиран правник од Струмица, Неждет Винца, дипломиран инжинер по електротехника од Скопје, Шефки Јашари, дипломиран правник од тетовско Коларе и Ѓорги Чукарски дипломиран правник од Струмица.
Пленарната седница на која треба да се изгласа овој состав на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка најверојатно ќе биде закажана за идната недела.
Стручната служба на оваа Државна комисија се состои од 24 административни службеници и 4 работници распоредени во 3 сектори или вкупно 28 работници од кои поголем дел не живеат во Скопје и се приморани секојдневно да патуваат до главниот град за да стигнат на работа што претставува дополнителен трошок за нив. Помеѓу овие 28 вработени, покрај хронично болни има и бремени жени кои треба да се породат, а сè уште немаат здравствено осигурување.