Собранието на Република С. Македонија денеска во рамки на 29-та седница го заврши општиот претрес по предлог-измените и дополнувањата на Законот за семејството, чија цел е усогласување на прекршочните санкции во делот на висната на глобите со новиот Закон за прекршоци, во насока на нивно намалување.
Гласањето ќе биде дополнително закажано.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелинка Петкова истакна дека е потребно да се направат измени во член 181, со кој е предвидено децата да се должни да ги издржуваат своите родители кои се неспособни за работ и немаат средства за издржување. Ова не важи само во случај кога на родителот му е одземено родителското право.
– Потребата за измена на член 181 ја увидов од случајот објавен на една од телевизиите, кога четири деца израснати во Дом за деца без родители, откако станале полнолетни, Центарот за социјални работи ги бара врз основа на член 181 дека треба да се грижат за својот родител. Тие треба да се грижат за родител, кој ги оставил како малолетни деца во дом и не се грижел за нив, но не му било одземено родителското право. Сега тие како возрасни, според овој член, се должни да ја преземат грижат за него, објасни Петкова.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери информираше дека Владата го повлекла предлогот за изменување на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
Собранието денеска ги разгледа предлозите за изменување и дополнување на Законот за генетски модифицирани организми и Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини и двата во прво читање, за кои заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиеска образложи дека измените се прават со цел усогласување со новата национална прекршочна политика, како и со новиот закон за инспекциски надзор.
И за овие две точки, гласањето ќе биде дополнително закажано.
Собранието ги разгледа и предлозите за измени и дополнувања на Законот за прометот на експлозивни материи и Законот за следење на комуникациите и двата во прво читање. Измените на двата закона се прават со цел усогласување со Законот за прекршоци.
И за овие два предлог-закона гласањето ќе биде дополнително закажано.