Македонија 01. март 2021. / 09:03

Собранието без мнозинство, речиси цел месец не може да одржи пленарна седница

Собранието без мнозинство, речиси цел месец не може да одржи пленарна седница

Собранието од трети февруари наваму не може да одржи пленарна седница.

Дали Собранието на Република Македонија неделава ќе одржи пленарна седница ќе се знае веројатно денеска по редовната понеделничка координативна средба на првите луѓе на пратеничките групи со претседателот на Парламентот Талат Џафери.

За договореното на координацијата потоа ќе бидат информирани и координаторите на опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби со Џафери.

До синоќа на веб страницата на Собранието беа закажани само седници на неколку собраниски комисии, но не и пленарни седници. Собранието не може да собере кворум за седница поради недоаѓање на пратеници од владејачките партии, проблемите во пратеничката група на ДУИ, за што беше најавена разрешница, како и поради тоа што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ присуствуваат само на седници на кои на дневен ред се точки поврзани со Ковид-19.

Како овој состанок ќе се одрази на единството во пратеничката група на ДУИ, останува да се види на првата наредна седница што претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја закаже, но исто така не е изгласан ниту дневниот ред на 32. седница која беше закажана на 16 февруари.

Има повеќе заостанати законски текстови, годишни извештаи, но исто така на дневен ред треба да се најдат и двете интерпелации поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ.

До вчера немаше информации за пратеници болни од Ковид-19 или во изолација.

Дополнително, во текот на минатата недела беше објавено дека пратениците од ЛДП и од ДС го известиле Џафери дека ќе дејствуваат во име на своите партии, а не како дел од пратеничката група на СДСМ. Сепак, тие како и потоа БЕСА која е коалициски партнер на владејачката СДСМ уверуваат дека нема проблеми во мнозинството и оти останува поддршката за Владата.

За потсетување, пред изборите токму од сегашната владина коалиција постојано се потенцираше колку е важно да се има парламент кој ќе работи постојано. Затоа и брзаа на избори среде пандемија…