Министерот за здравство, Венко Филипче, на неговиот фејсбук профил јавно се заблагодари на компаниите и поединците кои донирале на сметката на министерството за справување со пандемијата со корона вирусот.
-Собрани се близу 60 милиони денари и сите средства ќе бидат употребени за набавка на материјали за третманот на пациентите заболени од коронавирус, напиша министерот Филипче.
Дополнително информираше дека денеска во Министерството за здравство се отвораат понудите за респираторни машини – постапка во којашто, како што вели министерот, предност се дава на рокот на испорака.
Министерството за здравство отвори посебни сметки за донации на кои може да се донираат парични средства, но и опрема согласно листата на приоритети на министерството.