Македонија 11. ноември 2018. / 17:44

Со пари од буџетот ќе се покриваат и кафански сметки на градоначалниците?

Со пари од буџетот ќе се покриваат и кафански сметки на градоначалниците?

Парите од ребалансот што ќе ги добијат општините нема да го решат проблемот со долговите туку ќе се создаде комплетна блокада при носење на буџетите за следната година. Опозицијата жестоко реагираше на денешната комисија за финансирање и буџет на која се расправаше за измените во законот за финансиска поддршка и планирање на буџетите на општините кои се носат по скратена постапка. Побараа 50-те милиони евра од ребалансот да се поделат по фер критериуми, а не да се користат за покривање на кафански сметки на неспособни градоначалници, пишува Телма.

„Сменете го законот, 5о милиони евра, да им ги дадеме по фер критериуми, по број на жители, населени места, конкретни проекти, а не за кафански сметки. Не знаете како да ги потрошите парите од нереализираните капитални инвестиции и правите хаос за да се покриете“, кажа Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ.

„Сега вие го верифицирате нивното неработење, нетранспарентност и нивното незнаење да менаџираат“, кажа Лилјана Кузмановска од ВМРО ДПМНЕ.

Според опозицијата општините немаат капацитет да се прилагодат на законските измени па или ќе донесат буџет по стари правила или ќе ја стопираат процедурата и ќе работат со времено финансирање. Владата и пратениците од мнозинството уверуваат дека парите ќе бидат потрошени за покривање на долговите кон добавувачите со што ќе се помогне во локалниот економски развој, а новите закони ќе го спречат расипничкото однесување на градоначалниците.

„Законот е чекор кој никој претходно немал храброст да го стори. Имаме голем проблем кој постојано се шири и мора да го решиме и да спречиме да се појавува во иднина. Се согласувам дека ударот ќе биде во првата година, но ќе ја направи земјата да има почист систем на локално ниво, кажа Драган Тевдовски – министер за финансии.

Ребалансот на буџетот се очекува да биде изгласан попладнево откако три дена за него се расправа на пленарна седница во Собранието. Освен финансиска поддршка за општините со него се обезбедуваат средства и за фондовите за пензиско и здравствено осигурување.

Заклучно со септемрви оваа година општините пријавиле долг од 97,5 милиони евра што значи дека на нивните сметки ќе легнат 48,8 милиони евра буџетски средства. Најголеми долгови имаат општините Охрид, Тетово, Карпош и Куманово.