Лекарите при вршење здравствена дејност и давање здравствени услуги стануваат службени лица, кои вршат службена дејност и секој напад врз нив додека ги извршуваат работните задачи ќе се смета како напад врз службено лице. Ова е предвидено со нацрт законот за лекарска дејност, кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Овој нацрт закон го подготви Министерството за здравство, а во образложението за носење ваков закон стои дека Лекарската комора во повеќе наврати барала лекарската дејност да се уреди со посебен закон.
Лекарот според овој нацрт закон во итни случаи е должен да укаже помош на секој пациент без одлагање, а другите чекаат според листата на чекање. Лекар може да одбие да укаже лекарска помош на лице кое се заканува или физички агресивно се однесува кон него и другите здравствени работници или тоа го прават членови на неговото семејство. Исклучок од ова правило е само ако станува збор за итни случаи. Доколку на лекарот во вакви случаи му е обезбедена заштита од полиција или друг вид на заштита должен е да укаже медицинска помош.
Лекарот според нацрт законот се должни да ја почитуваат честа достоинството и угледот на друг лекар, доколку некој колега му побара стручен совет треба да му го даде несебични и најдобро што знае, не смее да придобива пациенти на свои колеги, а може да преземе грижа за пациентот на барање на друг лекар или на пациентот.
Со нацрт законот е предвидено лекарот да се грижи за професионалната репутација и да не дозволи неговото име да се поврзе со комерцијални активности за негова лична корист. Лекарот да избегнува ширење на углед со саморекламирање и со самопромоција и неточни информации за себе и други лекари и медицински установи во медиумите.