Македонија 07. јули 2020. / 15:30

Случај „Атлантик“: Ако настапи на трибини и пишување колумни е тероризам, ние сме „терористи“

Случај „Атлантик“: Ако настапи на трибини и пишување колумни е тероризам, ние сме „терористи“

Љупчо Палевски, активист на граѓанското движење Трета и активист на движењето “Бојкотирам“, денеска на прес конференција изнесе податоци за следење на голем број поединци и невладини организации пред бојкотот на референдумот за промена на уставното име. Оперативната акција на поранешната УБК се водела под кодното име „Атлантик“.

Меѓу споменатите имиња беа и тие на Солза Грчева, претседателка на партијата Глас за Македонија, и Сотир Костов, кој водеше повеќе невладини организации.

Грчева во изјава за Лидер.мк изразува длабока загриженост за квалификиациите, што им се дадени во предметот.

-Имено, во истиот јас сум квалификувана како “екстремист“ и “терорист“. Ова претставува длабоко нарушување на личните човекови права и слободи. Впрочем, сите ние кои бевме активно вклучени во бојкотот, ги браневме нецивилизираните постапки кон македонскиот народ и неговото право на самоопределување. Браневме колективни права и слободи, но и лични.
Државата која мораше да додели пари за сите три опции на референдумот (за, против и бојкот, според Кодексот за референдуми на Венецијанската комисија), одбра да ги искористи сите наши пари за конечно неуспешниот референдум. Со тоа ја избрука државата на меѓународно ниво, уште повеќе кога лажеше дека неуставниот референдум успеал.

Ако се овие наводи точни, за што ќе побарам увид во материјалите, тогаш барам итно државните институции да го расчистат овој предмет и да ми објаснат лично во што се состоел мојот “екстремистички“ активизам. Дали во јавните настапи на трибини, на протести, дали во печатењето на маички, дали во купување на спрејови за пишување “бојкот“ на јавни места, дали во пишување на интелектуални колумни ?!
Ако е сето тоа тероризам, јас сум “терорист“ и барам веднаш да бидам повикана на распит.
Нема да дозволам овој предмет да згасне како да не постои, за утре некој недоветен и зол лик, да го извади од фиока кога најмалку ќе очекувам.
Ако, пак, не докажат дека сум била “екстремист“ или “терорист“, ќе барам отштета за нарушениот углед.
Да живее Република Македонија!, вели Грчева.

Костов ги потврдува изнесените податоци на Палевски и вели дека активистите и координаторите на движењето Бојкотирам биле следени од тајните служби на полицијата.

-Кога тоа го дознавме затворивме два штаба во центарот на Скопје, кои најверојатно беа озвучени и ги дислоциравме на други места, што никогаш не се дознаа. Бевме предмет на постојани притисоци и закани за кои има записници во полицијата и обвинителството, значи пред надлежни органи на прогонот. Едниот случај е пријавен во полиција и се однесува на закани кон мене и членови на моето семејствово, а вториот за обид за поткуп како граѓански активист, што е пријавен пред надлежно обвинителство. Дали и кој постапувал по овие предмети до ден денес не знам, што и не е толку битно во моментов. Најбитно е дека целта на СУМ, на Македонски непокор и Македонски манифест во рамки на движењето Бојкотирам е остварена, а тоа е дека референдумот беше неуспешен. Но, некое друго време кога ќе настапи вистинска демократска атмосфера и односи, лично ќе се заинтересирам кој и зошто ме следел од причини што никогаш не сум бил насилен тип и цел живот се борам против тероризам, а во тие рамки и против тероризмот на власта. Да потсетам дека цело време го водев и координирав Комитетот за одбрана на дигнитетот на неправедно притворените патриоти од случувањата на 27 април и тоа беше причина повеќе да бидам предмет на следење, снимање и што ли уште не, вели Костов.