Во текот на следната недела како донација треба да пристигнат и 500 илјади маски и 20 илјади тестови, реагенси за тестирање на коронавирусот.
Филипче вчера рече дека добиле одговор од повеќе донатори, преку норвешката Влада за респираторни машини кои ги очекуваат на почетокот на април, а следниве денови ќе добијат одговор и од кинеската амбасадата од која побарале донација пред неколку недели.
Засега прогнозите на надлежните остануваат дека пикот на вирусот ќе биде кон крајот на април и оти бројката на заболени ќе достигне до околу две илјади лица.
Сепак, министерот најавува детална анализа за очекувањата и за временскиот интервал кога што би можело да се очекува. Анализата, како што посочи, би била готова во текот на викендов или на почетокот на следната недела.
Според министерот, вонредната состојба и мерките што се воведоа се сосема доволен механизам да се постигне крајната цел, а тоа е ограничување на движењето. Нагласи дека очекува да даде резултат значајното зголемување на часовите на ограничување на движење, односно полицискиот час за време на викендот.
За да се спречи ширење на заразата за викендов ќе важат дополнителни рестриктивни мерки. Во сабота и недела за сите граѓани ќе биде забрането движењето од 16 часот до 5 наредниот ден.
Остануваат да важат и претходните забрани – полицискиот час од 21 до 5 часот и забраната за излегување надвор за постари од 67 години (од 11 до 5 часот) и за помлади од 18 години (од 21 часот до 12 наредниот ден).