На музичкиот хепенинг на Владата под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“ беа најавени 40 македонски музички ѕвезди. Според видеата и сликите кои можат да се видат, како и според кажувањата на повеќе очевидци, евидентна е слабата посетеност на ваквите манифестации.
Бината во Скопје беше поставена уште на пладне, во Грдскиот Парк, со настап на група Quepurdat. Се очекуваат и настапитена Кирил Џајковски и Архангел. На присутните им се делеа бели балони и знаменца со натпис „Одиме напред, Македонија во НАТО и ЕУ“. Со малубројната маса, но со силно озвучување, прославува вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која вели дека време е сите заедно да го прославиме овој историски успех, да ја прославиме историската шанса за Република Македонија. Премерот Зоран Заев треба да присуствува на прославата во Битола.
Освен во Скопје, се слави и во Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Охрид, Куманово, Кочани, Кичево, Прилеп, Струга, Струмица, Тетово и Штип. Изборот на градовите е направен согласно рамномерната географска застапеност. Прославата од 18 часот почна во Тетово и Охрид. Вечерва граѓаните низ Македонија ги забавуваат и Дејан Декс, Дуке Бојаџиев, Горан Кан, Ферус Мустафов, Слаткар, Бени Нон Стоп + Златко Ориѓански, Ерик Фокс, Феки Ферис, Ареа, Кристина Арнаудова, Нокаут, Адријан Гаџа, Владо Јаневски, Лепи Џони, Баклава, Фолтин, Лозано, Дани Димитровска, Елена Ристовска, ДНК….
За организацијата на целиот настан ќе бидат обезбедени средства од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата, како што информираат оттаму, ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.
Градоначалниците низ Македонија денеска ги повикаа своите граѓани да се приклучат на прославите.