Македонија 23. ноември 2018. / 14:50

Скопје ќе се кити за Нова Година со 211.000 евра – една нова станица за воздух чини 150.000 евра

Скопје ќе се кити за Нова Година со 211.000 евра – една нова станица за воздух чини 150.000 евра

Новогодишното украсување на Град Скопје започнува од вечeрва.

Градоначaлникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во изјава за новинарите рече дека согласно буџетската ставка за украсување на градот биле предвидени 16 милиони денари, но по завршувањето на тендерската постапка тоа ќе чини 13 милиони денари, што е вели, иста сума споредено со претходните години.

Новина е, додава, новогодишната населба Винтерленд, што ќе внесе нова, побогата новогодишна содржина.

Ни се ближат едни од најубавите празници, Новогодишните и Божикните. Граѓаните на Скопје мора од својот град да добијат нешто што не го добивале досега. Она што го гледаме, по слики по разгледници по репортажи зошто да не го направиме во нашиот град. Не треба да бидеме скептици за некои новини, рече Шилегов во врска со Винтерленд.

Интересно е што додека Скопје се „кити“ за Нова Година, граѓаните едвај дишат поради загадениот воздух, а болниците се полни со пациенти со респираторни проблеми. Други граѓани пак воопшто и не знаат што дишат бидејќи мерните станици не работат во најзагадените делови на Скопје. Според информациите, една мерна станица чини околу 150.000 евра, па веројатно, скопјани нема да имаат проблем да не ги гледаат шарените светилки оваа година но за возврат да можат да знаат каков воздух дишат, кога веќе на сите им стана јасно дека надлежните, едноставно немаат капацитет да се справат со загадувањето.