Македонија 09. февруари 2020. / 09:10

Скопје домаќин на меѓународната конференција „Еден Балкан кон ЕУ“

Скопје домаќин на меѓународната конференција „Еден Балкан кон ЕУ“

Предизвиците на земјите од Западниот Балкан со коишто се соочуваат на патот на евроинтегративниот процес е главна тема на меѓународна конференција „Еден Балкан кон ЕУ“, што денеска се одржува во Скопје во организација на повеќе невладини организации од регионот.

На конференцијата ќе присуствуваат повеќе регионални лидери на социјал-демократски и либерални политички партии и европратеници.

Како што најавуваат организаторите, на официјалното отворање ќе се обратат Тања Фајон – словенечка европарламентарка од социјал-демократската група, Илхан Ќучук – европратеникот од либералната група АЛДЕ и известувач за Северна Македонија во ЕП и Тонино Пицула – хрватски европатеник од социјал-демократската група.

Конференцијата e завршен настан на регионалната едукативна младинска програма „Прогресивна политика во Западен Балкан – ПрогВеБ“ и е во организација на повеќе невладини организации од регионот: Прогрес – Институт за социјална демократија од Македонија, Фондацијата „Борис Дивковиќ“ од Босна и Херцеговина, Фондација „Ќемал Стафа“ од Албанија, Форум на леви иницијативи од Босна и Херцеговина и Центар за модерни вештини од Србија, поддржани од шведскиот Олоф Палме интернационален Центар и Меѓународната фондација на Центар партијата.