Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано за да го истражи масовното прислушување, може да остане без својата основна надлежност поради која се создаде, објавува Независен. Оваа можност произлегува од изјавата на министерката за правда Рената Дескоска, која на еден од своите јавни настапи во Владата рече дека работните групи подготвуваат две опции за да се реши понатамошното функционирање на СЈО за што е потребно двотретинско мнозинство кое власта го нема. Тоа значи дека за да се реши статусот на СЈО, поддршка треба да дадат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, чии поранешни високи функционери, но и дел од сегашните, се обвинети во случаите кои произлегоа од масовното прислушување.
Дескоска е свесна дека за оваа институција некои од пратениците можеби ќе имаат предрасуди при гласањето, па работните групи подготвиле две опции за кои се преговара со претставници од парламентот за да се обезбеди потребната поддршка. Дескоска вели дека определбата на Владата е Специјалното јавното обвинителство да прерасне во траен орган, кој ќе се занимава со гонење кривични дела поврзани со висока корупција или корупција од високи државни функционери. Но во својата изјава Дескока остава простор, доколку нема политичко расположение за продолжување на сегашната активност на СЈО, Обвинителството да остане орган кое ќе гони само висока корупција.
-Нашата најпожелна варијанта е да воспоставиме траен орган кој ќе си ја продолжи првин надлежноста што ја има сега, но со додавање на дополнителната надлежност, гонење висока корупција. Секако, тоа ќе биде предмет на консултации. Другата варијанта е, ако нема простор и политичко расположение за продолжување на моменталната активност на СЈО, во тој случај да се земе другата надлежност, гонење на корупцијата, рече Дескоска.
На 13 ноември на ЕНЕР осамна најава за нов предлог-закон за Специјалното јавно обвинителство. Овој предлог е во подготовка и од Министерството за правда не откриваат што содржи овој закон и дали со него ќе се реши автономијата и надлежноста на СЈО.
Како власта планира да го реши ова прашање не знаат ниту граѓанските организации што ги следат реформите во судството. Тие велат дека не се вклучени во изработката на овој предлог-закон и не знаат што ќе содржи. Според нив, СЈО треба да остане финансиски автономна институција.
-Ваквото обвинителство во Романија постои како посебен организациски дел. Јас како професионалец во правото сметам дека е важно, доколку понатаму ја нема финансиската поддршка и стручната поддршка во насока на обуки и слично не знам каков би бил понатамошниот квалитет. СЈО е успешно бидејќи има доволно финансиски и човекови ресурси, истражители и можност за комплицирани истраги да обезбеди докази за да поднесе обвинение, вели Хајди Штерјова-Симоновиќ од Хелсиншкиот комитет.
Таа порачува дека носењето закони во правосудството не смее да се сведи само на политичката волја бидејќи реформите на правосудниот систем се едни од најглавните во земјава.
Сепак, сите закони што се клучни за судството и кои треба да го трасираат патот кон Европската Унија се носат со двотретинско мнозинство и на крајот клучно за нив е пазарењето меѓу власта и опозицијата.
-Добар дел од овие закони што ги следиме претставуваат таканаречени системски закони, толку важни закони за кои задолжително е потребно двотретинско мнозинство. Меѓутоа, одговорноста на претставниците во законодавниот дом е подеднаква и за владејачкото мнозинство и за тие што се во опозиција во однос на регулирањето на системските закони. Не може да се прави пазар за квалитетот на одредена реформа како што е закон за кривична постапка или законот за судовите што се многу значајни, за сметка на одредени политички договори одредени политички поени или успеси. Одговорноста паѓа подеднакво на сите, и на власта и на опозицијата, вели Штерјова-Симоновиќ.
Мирослав Драганов од Институтот за човекови права вели дека политичарите скапо ќе ги чини тоа што не ги земаат предвид експертизите на граѓанските организации.
–Нашите политичари треба да бидат свесни дека ако го одиме патот на ЕУ, најмалку што можеме е да гледаме од примерот на балканските држави кои се малку пред нас. Може да гледаат од примерот на Хрватска, Србија и Црна Гора и да видат дека таму целиот процес на евроинтеграции скапо ги чини политичарите неслушањето на експертизата на сите засегнати страни во конкретни области меѓу другото и на граѓанските организации. Законите поврзани со судството не треба да се остават на никаква политичка волја туку само на правна експертиза, вели Драганов.
Специјалното јавно обвинителство повеќе од една и пол година не може да покренува обвиненија бидејќи истекоа осуманесетте месеци од преземањето на прислушуваните материјали. Сепак, СЈО води предистраги и истраги поднесува обвиненија за предмети кои се преземени од редовното јавно обвинителство. Расчистување и одговорност за масовното прислушување во Македонија е еден од условите за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.