Синдикалната организација на правосудството при Синдикатот на администрација и државна управа (САДУ), кој е дел од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), денеска изрази назадоволство од одлуката на Судскиот буџетски совет за зголемување на додатоците на плата за 10 проценти за судиите и само пет проценти за судските службеници.
Претседателот на синдикалната организација Драган Јосевски попладнево пред Основниот суд Скопје 1 изјави дека ваквата одлука е штетна и потценувачка за вработените во судската служба.
– Како Синдикат не се согласуваме ниту со предлогот на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судски службеници за процентуално зголемување. Како Синдикат размислуваме и ќе понудиме номинално единство, односно да се избалансира распределбата на додатоците на плата. Треба два до три пати да се зголемат додатоците на плата на судските службеници во однос на судиите – изјави Јосевски.
Во однос на најавите за бел штрајк на Синдикатот на УПОЗ, Јосевски вели дека тие како синдикална организација се за црн штрајк.
– Ја поздравуваме заложбата на УПОЗ и Здружението на судската служба кои ја детектирале оваа понижувачка положба на судските службеници, меѓутоа начинот ни се разликува – изјави Јосевски, обвинувајќи дека претставници на УПОЗ во февруари го уништиле еднодневниот штрајк што го организирале.
Барањата ќе го достават до надлежните институции, а доколку не имаат позитивен одговор, тогаш вели тој, штрајкот е регитимно право за борба на правата на работниците.