Македонија 23. јуни 2020. / 14:32

Синдикат на Клинички: Со сите покачувања, платите на специјалистите се 55.000 денари, далеку од ветените 100.000

Синдикат на Клинички: Со сите покачувања, платите на специјалистите се 55.000 денари, далеку од ветените 100.000

Со сите покачувања, доктор специјалист во Клинички центар има 55.370 денари основна нето плата, медицинска сестра со средно стручно образование 22.701 денар основна нето плата, а медицинска сестра со високо образование 27.857 денари основна нето плата, што е далеку од ветените 100.000 денари плата за доктор специјалист, и двојното зголемување на платите на медицинските сестри, велат од Синдикатот на Клиничкиот центар.

Од синдикатот додаваат дека не е остварен ниту ветениот бесплатен паркинг или најмногу цена до 200 денари за вработените во Клинички центар, ниту се реализира концептот за функционално единствен Универзитетски Клинички центар.

Синдикатот упати неколку барања кои сметаат дека треба да бидат вклучени во изборните програми на партиите во делот на здравството.

Барањата се двојно зголемување на платите на здравствените работници и соработници во текот на 4 годишниот мандат, а при секое покачување да се планира и покачување за помошно-техничкиот и административниот персонал, изземање на здравствената администрација од останатата јавна администрација, паркингот на Клинички центар да е бесплатен за вработените или да е најмногу 200 денари, бенефициран работен стаж за здравствените работници и соработници, годишниот одмор да се зголеми за 10 работни дена, односно законски одредениот максимален број денови за годишен одмор да изнесува 36 работни дена, да се донесе Закон за докторска дејност кој ќе ја утврди основната нето плата на докторите преку коефициентите од 2,5 до 3,8 помножени со просечната плата, согласно Предлог текстот од Лекарска комора од 21.04.2016 година – велат од Синдикатот.

Понатаму тие бараат да се донесе Закон за сестринска дејност и Ковид-19 да стане професионално заболување за вработените во здравството.

Во оваа прилика на партиите јасно им укажуваме дека нашите членови нема да ги придобиете со општи и нејасни ветувања, како што се инвестирање во капацитетите на јавното здравство, вложување во нивната едукација, без притоа конкретно да се произнесете за она што нив најмногу ги засега, а тоа е јасно дефинирање на планираното покачување на нивните плати – велат од Синдикатот.

Тие додаваат дека пандемијата покажала колку е важно да се сочуваат здравствените работници во јавното здравство, особено во моменти кога постои голем одлив на доктори и медицински сестри од државата.