Професорката Гордана Силјановска доби стоечки овации на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга каде што се избира кандидат за претседател од редовите на опозицијата. Во својот петнаесетминутен говор, таа најмногу се задржа на промената на името на државата, при што нагласи дека процесот не е завршена приказна, пренесе Независен.
– Мојот татко на 18-годишна возраст замина во партизани, има три ордени за храброст. Тој не се бореше за Република Северна Македонија, туку за Македонија. – напомена професорката.
Силјановска рече дека сите народи имаат право на идентитет, а нашата судбина како Македонци била постојано да се бориме за тоа право.
– Македонија е старица од 75 години и замислете сега и го менувате името, а и велите дека тоа не е менување на идентитетот. – посочи Силјановска.
Нејзиниот говор постојано беше прекинуван со аплаузи со што е испратен сигналот од делегатите дека таа ќе биде нивниот фаворит на претседателските избори.
– Во овие две години направив многу да се слушне нашиот глас и кај неопределените. Атакувам и на нивните гласови. – јасна е Силјановска.
Победа на опозицијата ќе биде прв чекор на делегитимирање на власта.
– Заевизмот е болест од која заболеа многумина: кажуваш, забораваш, негираш. – рече Силјановска.
Како иден претседател на државата, рече дека ќе побара пратениците да го поништат законот со кој поранешните претседатели имаат голем број бенефиции (со исклучок на семејството Трајковски).
Порача дека бојкот на претседателските избори не е решение, затоа што власта ќе добие в.д. претседател, а потоа и ќе изгласа закон со кој шефот на државата би се бирал во Собранието.
– Сметам дека во вториот круг не треба да се бара цензус. Тоа го препорачува и Венецијанската комисија. – нагласи професорката.