Македонија 13. мај 2019. / 21:14

Сиљановска: Одлуката на изборите ја донеле партиите, а не граѓаните

Сиљановска: Одлуката на изборите ја донеле партиите, а не граѓаните

На крајот на гласањето во вториот круг од претседaтелските избори помислив дека она за што се залагаше професорот Река, велејќи дека очекува индивидуални гласови и одлука од граѓани, а јас верував во тоа, сепак тоа не се случи. Заклучокот ми беше дека сепак македонискиот свет не се сменил, дека одлуката во последните саати ја донеле партиите, а не граѓаните, рече Гордана Сиљановска Давкова, која беше кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, при гостувањето во една национална телевизија каде зборуваше за случувањата и впечатоците од изборите.

Таа укажа дека во едно општество за сите, како што говореа од СДСМ, можат да биди исти само граѓаните, а како што рече „нам ни се случи поделба“.

– На изборите едно е сигурно дека не изгубив поради програмата, поради концептот. За тоа добив многу признанија и тука и од надвор. – рече Сиљановска.

Според неа демократската консолидација е предвизвик во Македонија.

– За жал јас не гледам се’ уште знаци за тоа, на тоа треба да се работи. – посочи Сиљановска.

На прашањето дали помислила да оди сама на изборите, Силјановска со одговор: „Имав предлог да настапам и сама на изборите и тоа од дијаспората, но јас сум реална и знам дека без партија е многу тешко да се оди на избори. Треба логистика за избори, тоа не е натпревар на знаење“.

Според неа несвојствено е што премиерот Зоран Заев беше најактивен за време на претседателските избори.

– Одењето на одмор на Заев заслужува коментар. Премиерот наместо да се држи на страна тој беше најактивен, па затоа сега заслужува одмор. – рече Сиљановска.

За неа пак како што рече сложено е прашањето за тоа дали таа би се нафатила на некоја функција.

– За членство во партија не размислувам, но за функција ми велат никогаш не вели не. Сепак во моментов не сум размислувала за нов ангажман. – посочи Сиљановска.

И како што рече, го информирала и евроамбасадорот Самуел Жбогар дека треба да се почне со системски промени како корекции во насока владата да делува како тим, бидејќи сега имаме влада во влада, или две влади, два парламенти и слично.