Вечерва Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ гостуваше во „Радио Лидер“.
Таа посочи дека денес власта вработува по партиски клуч, наместо по систем на знаења.
„Власта денес криминалот и корупцијата не ги казнува. Социјалдемократијата е синоним за социјална држава, за солидарност и хуманизам, за мали разлики меѓу луѓето, за бесплатно образование и здравство. Дали ви личи оваа слика бидејќи ние во врвот на оваа партија ги имаме најбогатите тајкуни. Не, верувам дека се збогатиле од пиперки и домати. Не верувам. Туку, од политиката. Згора, со багаж врзан за криминал“, нагласи Силјановска Давкова.
Пратеничката рече дека сликата во Македонија со СДСМ на власт воопшто не е убава, а тоа го потврди и извештајот на Транспаренси Интернешнл.
„Ние во моментов иако се фалиме дека чекаме преговори, по корупцијата и криминалот воопшто не сме европска држава. Први сме тука, ама слични сме не на европските држави па дури и на соседите, туку на кого, на Панама, на Монголија. Пазете се работи за земји кои што се соочуваат со граѓански конфликти, со диктаторски аспирации и елементи, тоа е еден трет свет кој што е потонат во сиромаштија, во корупција, и во криминал“, посочи Силјановска Давкова.
Таа додаде дека посмешно нешто од оправдувањата на власта не слушнала. Срамота е Николовски кој е прв човек што се бори со корупцијата, да вели дека криминалот е во перцепцијата на граѓаните. Функцијата на Николовски е измислена функција која би паднала на Уставен суд во нормална земја.