Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), министер за внатрешни работи, заменик-директор во УБК, одговорен за соработка со тајните служби на пријателски земји во времето на Сашо Мијалков, Сиљан Аврамовски е најсериозниот кандидат на Владата за прв директор на новата Оперативно техничката агенција (ОТА), дознава МКД.мк.
На 12 април Собранието со 87 гласа „за“ го усвои Законот за формирање на Оперативно техничка агенција и Законот за следење на комуникациите. Од наредната година, опремата за прислушување ќе се премести во Оперативно техничка агенција со што ќе биде заменета досегашната УБК која беше посочена како главен виновник за масовното нелегално прислушување.
Контролата на работата на ОТА ќе ја вршат уште четири други институции од кои едното ќе биде сосема ново тело – Совет за граѓанска контрола. Овој Совет практично треба да биде неофицијален омбудсман и ќе се обраќа до надлежните доколку се посомнева во работењето на ОТА, Царинската управа, финансиската полиција или МВР.
Од февруари 2003 до јуни 2004 година Аврамовски е директор на Управата за безабедност и контраразузнавање, а потоа (2 јуни 2004 – 17 декември 2004) и министер за внатрешни работи.
2006 година до денес, и за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, останува на висока позиција во УБК. Функцијата заменик-директор во УБК ја извршуваше и за време на директорувањето на Сашо Мијалков со службата.
Апсењето од страна на македонската полиција на германскиот државјанин со либанско потекло Калид ел Масри беше извршено (31 декември 2004 година) додека Аврамовски беше привремен директор на УБК. Ова апсење беше извршено по директна наредба на ЦИА, за што Македонија потоа, со пресуда на меѓународните судови, плати големо обештетување. Аврамовски отсекогаш во службата важел како близок човек на американскара служба ЦИА, пренесе МКД.МК.