Македонија 13. април 2020. / 16:13

Штипската Клиничка болница набави нова заштитна опрема

Штипската Клиничка болница набави нова заштитна опрема

Штипската Клиничка болница набави нова заштитна опрема за вработените. Директорот, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека тендерската постапка е завршена, со што е обезбедена заштитна опрема за наредниот период за вработените во болницата.

Набавени се 30.000 капи, 50.000 калјачи, 100.000 хируршки маски и 900 хируршки мантили. Болницата има потреба од 10.000 хирушки мантили, но очекуваме во текот на оваа недела да се набават и дополнителните мантили, вели Ѓеорѓијев.

Вработените на Инфективното одделение во Штип денеска до МИА испратија фотографии од внатре во самото одделение и со каква заштитна опрема се грижат за пациентите кои се хоспитализираат од општините од источниот регион. Во моментов на ова одделение има пациенти од Штип, Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево. Ѓеорѓијев рече дека за пациентите се грижат двајца инфектолози од Штип и Струмица и еден специјализант, а од Министерството за здравство имаат најава дека на помош деновиве ќе им пристигне и инфектолог од Кочани.

Во моментов на Инфективното одделение се хоспитализирани вкупно 13 пациенти, од кои девет се позитивни на Ковид 19 и се со средна клиничка слика, а за останaтите четворица пациенти, кои се со сомнителни симптоми се чекаат резултатите од брисовите.

Во текот на минатата недела пристигнати се 300 скафандери, а се платени од општествено одговорните компании „Биомедика“ од Скопје и од радовишкиот рудник за бакар и злато „Бучим“.Ѓеорѓијев информира дека на донаторската сметка на Клиничка болница-Штип пристигнати се и 5.000 евра донација од спортската кладилница „Моцарт“.