За време на викендите, додека трае полицискиот час, сопствениците ќе може да ги прошетаат своите миленици но, строго од 20:00 до 20:30 часот и најмногу до 100 метри оддалеченост од зградите во кои живеат.
Притоа, тие не смеат да се групираат, предвидуваат измените на Уредбата за ограничено движење, донесени денеска на владина седница.
– На денешната седница донесовме измени на уредбата за ограничено движење за да им се излезе во пресрет на домашните миленици – за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, најмногу до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, без групирање, напиша Спасовски на „Твитер“.
На денешната седница донесовме измени на уредбата за ограничено движење за да им се излезе во пресрет на домашните миленици – за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, најмногу до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, без групирање.
— Oliver Spasovski (@o_spasovski) March 30, 2020
Ветеринарната комора во саботата информираше дека доставила официјално барање до Владата за измена на Уредбата. Притоа нагласи дека шетањето на милениците треба да се дозволи, но во строго дефинирани услови и време. Како што изјави претседателот на Комората, Томислав Николовски, во вонредна состојба поради коронавирусот кога здравјето на граѓаните е најбитно, не смее да се занемарат и потребите на животните. Секоја промена во нивните навики, посебно на милениците кои се чуваат во станови, предизвикува дополнителен стрес.
Одобрување милениците да се шетаат и за време на полицискиот час, бараа и здруженијата за заштита на животните во земјава.