Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна средба со делегација на Европскиот директорат за надворешни активности предводена од директорот за кризен менаџмент и планирање, Габор Инклоди, неполни два месеци откако Македонија достави иницијатива за вклучување во европскиот проект за процена на хибридните закани.
Шекеринска, како што соопштија од Министерството за одбрана, информирала дека Министерството ја презема улогата на координатор на целиот процес за што веќе е формирано тело и е именуван национален координатор, како и негови заменици кои се експерти во областа. Во процесот, според неа, ќе учествуваат 27 институции.
-Владата го финализираше Преспанскиот договор со кој, по исполнувањето на обврските и од двете страни, ќе се овозможи полноправно членство на Македонија во НАТО со што ќе се зајакне стабилноста и безбедноста на нашата земја и на регионот и ќе се намалат ризиците од таков вид. Веќе за неколку седмици Македонија ќе се стекне со право да присуствува и да изнесува мислење на сите состаноци на Алијансата, рекла Шекеринска.
Македонската Влада, како што изјавила таа, промовира нова политика на создавање на пријатели наместо непријатели и дека со цел да внесе дух на соработка и помирување во регионот се фокусира на градење мостови и пријателства со соседите.
Членовите на европската делегација кажале дека државите од Западен Балкан не се само партнери, туку и идни членки на ЕУ и дека цврстите врски со Македонија се на високо место во агендата на Брисел.
Во рамки на посетата на европската делегација се одржала и тркалезна маса на која гостите од ЕУ и македонското Национално координативно тело дискутирале за следните чекори и временските рокови за нивно извршување.