Министерот за надворешни и европски работи на Луксембург, Жан Аселборн, кој е во официјална посета на земјава порача дека Македонија како земја направила големи напори на патот на интегрирање во ЕУ и дека е подготвена за отворање на преговорите.
– Уверен сум дека се движите во добар правец и сето тоа е во интерес на оваа земја. Вратата на ЕУ е отворена. Ви посакувам среќа и ќе сториме се за да добиете шанса во Брисел и ЕУ и С. Македонија да можат да се движат во ист правец наредните неколку години – изјави Аселборн, кој нагласи дека тоа е во интерес не само на Македонија, туку и на целиот регион и на самата ЕУ.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со резервираниот ставот кон проширувањето и на други земји членки на ЕУ, освен Франција, како Холандија и Данска, Аселборн истакна дека смета оти ако Париз го промени ставот, тогаш веројатно и останатите држави ќе го следат тој пример.
Тој потсети дека на минатиот Самит на Унијата Франција извршила притисок за промена на методологијата за проширување и рече дека ќе ги чека извештаите на Европската комисија за земјите кандидати.
– Европската комисија даде позитивен извештај за С. Македонија и Албанија. Ако Франција заземе позитивен став, тоа ќе го следат и другите земји членки. Ако сега не успееме, освен што ќе биде штетно за вашата земја, тоа ќе ја наруши и европската политика на Балканот – оцени Аселборн, додавајќи дека секоја држава има свои принципи, но треба да биде свесна за заедничките интереси.
Шефот на дипломатијата на Луксембург ја нагласи и потребата и од засилување и интензивирање на соработката меѓу земјите од Балканот.
– Брисел е подалеку од сите вас, но вие сте овде во ист регион и соработката треба да биде засилена – посочи Аселборн.
Нагласувајќи дека е свесен оти и Европа има свои грижи, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров изрази благодарност до Аселборн што издвоил време да ја посети земјава, со како што рече, порака дека Македонија заслужила да почне претпристапни преговори со ЕУ.
Како што информира Димитров, на средбата разговарале за македонската кандидатура, за реформските задачи дома, за последниот извештај на ЕК , за расположението на другите земји-членки.
– Се надевам дека ќе помогне сега за неколку денови на Советот за општи работи на 24 март и ЕУ да испорача – истакна шефот на македонската дипломатија.
Во рамки на посетата, предвидено е министерот Аселборн да биде примен и од страна на претседателот, Стево Пендаровски.