Вечерва во „24 анализа“ гостуваше Елвис Шаќири од институт за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ кој што посочи дека годинава има зголемување на случаи каде што се врши тортура врз Ромите од страна на полицијата. Најстрашно е што видеото кај што се малтретираат Роми на сред улица во Битола од полицајци, се криело три дена во станица, за да не се дознае случајот во јавноста.
Ние имаме полициска тортура внатре во станиците, во затворите и тоа за жал никој не може да го потврди затоа што товарот на докажување повторно паѓа кон оштетените. И за жал морам да кажам дека за време на судска постапка се врши влијание врз оштетените, за да променат дел од изјавите, истакна Шаќири.
Шаќири додаде дека има забелешки во однос на санкциите на полициски службеници кои тепале Роми. Имено, се повело санкција против еден инволвиран, а во видеото се гледа дека имало двајца полицајци.
„Имам неколку забелешки во однос на санкциите со оглед на тоа дека само против едно лице е поведена кривична постапка, а видовме од видеото дека најмалку двајца полициски службеници се инволвирани во тепањето“, нагласи Шаќири.
Шаќири истакна дека видеото кај што се гледа како се малтретираат Роми од полицајци три дена се криело во полициска станица, за да не излезе во јавност.
Во една демократска нормална држава би понел некој и морална одговорност, затоа што не можете вие тепање на сред улица во Битола да сокриете таков случај, појасни Шаќири.