Македонија 27. мај 2019. / 13:04

Села: Нема да поддржам закон кој ќе ги штити големите политички мечки во државата

Села: Нема да поддржам закон кој ќе ги штити големите политички мечки во државата

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, се противи на носењето закон за СЈО со кој би се заштитиле високите политички функционери во државата и истовремено се заложи за одржување предвремени парламентарни избори.

Јас би поддржал закон што нема цел да амнестира некого, туку има цел постепено да ги гради правото и правната држава. Нема да поддржам закон што се крои за да се заштитат големи политички мечки во државава – вели Села во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Според него, на Македонија ѝ се потребни предвремени парламентарни избори и токму ваквите избори ќе го забрзаат евроинтегративниот процес на земјата, додека бегањето од предвремени избори, според Села, е само за да се задржи статус квото во ова општество.

Причината зошто можеби нема да добиеме датум е фактот што ДУИ е внатре во коалиција со СДСМ и тоа е факторот, кој оневозможува да се случуваат вистински реформи од правниот аспект тука во Република Северна Македонија. И имајќи предвид дека изборите конечно ќе ја вратат демократијата во албанското општество и ДУИ ќе си замине во опозиција, мислам дека предвремените парламентарни избори ќе го забрзаат процесот на зачленување на Македонија во ЕУ – порача Села.

Тој додаде дека остануваат во опозиција и дека Алијансата за Албанците ќе стане дел од власта кога ќе победи на избори.

Села не ја исклучи и можноста во иднина да коалицира со опозициското ВМРО-ДПМНЕ или со некоја друга политичка партија.

– Алијансата за Албанците ќе коалицира со тој политички субјект што ќе ги прифати платформата и програмата на Алијансата за Албанците – истакна Зијадин Села.