Македонија 28. јануари 2019. / 10:14

Седницата за казната на Јанкулоска одложена – адвокатите не дојдоа

Седницата за казната на Јанкулоска одложена – адвокатите не дојдоа

Утрово во Апелацискиот суд во Скопје беше одложена седницата на која требаше да се одлучува по жалбата на осудената ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за пресудата на судијката Добрила Кацарска за издвоената постапка за предметот „Тенк“, во која беше осудена на затворска казна од 6 години.

Причина за одлагањето е тоа што не дојдоа адвокатите на Јанкулоска, Боро Тасевски и Сања Алексиќ. Алексиќ имала здравствени проблеми, а Тасевски не беше присутен на седницата поради приватни причини. Јанкулоска се појави сама во Апелацискиот суд.

Судијката Цветанка Периќ им ги прифати поднесоците и судењето го одложи за 25 февруари.

Според пресудата на скопска единица за предметот „Тенк“, експремиерот Никола Груевски нарачал луксузен „мерцедес“, Јанкуловска го поттикнала тогашниот помошник-министер Ѓоко Поповски да испланира јавна набавка на која ќе се јави договорениот понудувач „Мак аутостар“. Јанкулоска покрај одземениот пасош, не смее да го напушти Скопје.

Доколку судот ѝ ја потврди казната, според Законот за извршување санкции, Јанкулоска може да бара одлагање на извршувањето поради мајчинството, бидејќи нејзиното дете сè уште нема наполнето една година.

За истиот случај, осудениот Никола Груевски доби 2 години ефективна казна затвор. Апелација му ја одби жалбата и му ја потврди казната. Осуден останува и обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски, на кого наместо 6,6 години затвор, апелација му изрече 4,6-годишна затворска казна.