Бизнисменот Сеад Кочан на 17 јули треба да се јави на издржување на затворската казна за случајот Труст. Кривичниот суд го изготви упатниот акт според кој Кочан треба да ја издржи затворска казна во висина од 4 години и 8 месеци.
Според упатниот акт, а согласно член 137 и 139 ст.3 од Законот за извршување снакции, осудениот е должен на 17.07.2019 да се јави на издржување на казната затвор во наведената казнено поправна установа. Во случајот на СЈО, Кочан е осуден бидејќи како управител на фирмата „Трансмет“ со лажни документи добивал тендери за ископување на јаглен и јаловина во Рек Битола за сума од 17 милиони евра.
Кривичниот суд првостепено го осуди на 6 години затвор во јули минатата година, а на 11 март Апелацискиот суд му ја намали казната за година и четири месеци. Второобвинетиот во случајот Василије Авировиќ доби две години условно од Апелација. Законот за извршување на санкции, предвидува осуденото лице да може да го одложи почетокот на издржување на казната ако се наоѓа на лекување од потешка акутна болест или зависности, во случај на смрт или тешка болест на потесното семејство.
Кривичниот суд на барање на Специјалното јавно обвинителство на Кочан му одреди 30 дневен притвор во 2017та, но бидејќи налогот до полицијата не стигна на време, Кочан ја напушти земјава. Тој, како што тогаш тврдеа адвокатите бил на двомесечно службено патување. Се врати назад во државата откако претходно Врховниот суд му го укина притворот.