Македонија 11. ноември 2020. / 21:57

Се зголемуваат капацитетите за сместување на ковид-пациенти во повеќе болници

Се зголемуваат капацитетите за сместување на ковид-пациенти во повеќе болници

ГОБ „8-ми Септември“ и други здравствени установи ги зголемуваат ковид-капацитетите за сместување на пациенти.

Нов дополнителен оддел со 20 кревети подготвува болницата ГОБ 8ми септември за ковид пациенти. До петок треба да завршат со поставување централен довод на кислород до собите за да бидат функционални. Во моментот во оваа установа има 83ца позитивни на вирусот кои се хоспитализирани и нема слободни кревети. Дополнително, во болницата при крај е и конкурсот за прием на 30 медиицнски сестри бидејќи нема кој да работи во ковид одделенијата.

И специјалната болница за кардиоваксуларни заболувања во Охрид станува нов ковид центар. Го преадаптирале одделението за рехабилитација каде можат да сместат 30 пациенти со корона. Кардиолозите уверуваат дека ова нема да се одрази врз лекувањето на лицата со срцеви заболувања.

-Досега на ниту еден пациент не е вратен и не му е дадена соодветна грижа и третман. Продолжуваме со редовната работа на ургентните и елективните пациенти, но секако доколку има потреба на елективни пациенти ќе го прилагодиме според актуелната состојба“, изјави Елена Коваческа Башуроска-директор на Центар за кардиоваскуларни заболувања Охрид.

Над 1000 пациенти се хоспитализирани во болничките капацитети во државата поради компликации од Ковид 19. Најмногу има во болниците во Охрид, Битола, Куманово, Велес и Штип а на Инфективна од 161 пациенти, 130 се на кислородна поддршка.

Според неделниот извештај на Инситутот за јавно здравје, изминатите седум дена за 41 процент е зголемен бројот на смртни случаи во споредба со претходно анализираниот период.

Од досега починатите поради компликации од корона, 71 процент имале претходни коморбидитети и тоа најмногу со кардиоваскуларна болест и дијабет.

Од регистрираните смртни случаи, двојно повеќе починале мажи.