Македонија 28. октомври 2020. / 14:50

Се уште не се знае дали министри од Владата ќе одат во самоизолација по позитивниот тест на Спасовски

Се уште не се знае дали министри од Владата ќе одат во самоизолација по позитивниот тест на Спасовски

Портпаролот на Владата Душко Арсовски денеска на прес-конференција соопшти дека се уште немаат информација од Институтот за јавно здравје и од Центарот за јавно колку и дали некој од контактите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е позитивен на Ковид-19, добиле решение за домашна изолација. Најави дека ќе информираат во текот на денот доколку добијат некои информации.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера на својот фејсбук-профил објави дека е позитивен на Ковид-19. Напиша дека клиничката слика му е добра, со благи симптоми и оти е веќе во домашна изолација.

По објавата на министерот Спасовски дека е позитивен на Ковид-19, се тестираа премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовск, кои преку фејсбук информираа дека нивните тестови се негативни на Ковид-19.

-Многу е важно сите до еден да го чуваме сопственото здравје и здравјето на сите други околу нас. Со целосно почитување на мерките и препораките секој од нас може да даде придонес за јавното здравје. Да носиме заштитни маски, да држиме физичка дистанца, да ги избегнуваме големите групни настани и на тој начин заеднички ќе ја добиеме битката со КОВИД-19, порача Заев на ФБ.