Комисијата за заразни болести и комисијата за следење и информирање за состојбите со корона вирусот денеска ќе разгледаат евентуални нови мерки за заштита на населението и превенција од натамошно ширење на вирусот кои ќе ги достави како предлог до Владата.
Министерството за здравство соопшти дека министерот за здравство Венко Филипче ќе одржи состанок со комисијата за заразни болести и комисијата за следење и информирање за состојбите со корона вирусот. Состанокот ќе се одржи во проширен состав, а на него ќе присуствуваат и искусни експерти од различни области.
Евентуалните нови засилени мерки за заштита на населението и превенција од натамошно ширење на корона вирусот, ќе бидат на дневен ред на денешната седница на Владата.
Министерството за здравство, исто така, информира дека здравствената состојба на сите седум пациенти кои се позитивни на корона вирусот и се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести е стабилна.