Македонија 27. октомври 2020. / 09:43

Се отвора нов пункт за КОВИД-тестирање, измените на Законот за заштита од заразни болести пред пратениците

Се отвора нов пункт за КОВИД-тестирање, измените на Законот за заштита од заразни болести пред пратениците

Утрово, во 7:30 часот, во близина на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, треба да биде отворено уште едно приемно одделение за правење КОВИД – тестови со што ќе се забрза процедурата на земање брисеви и ќе се намалат гужвите, како и редовите на чекање.

Во текот на денот, пак, ќе се знае дали ќа поминат законските измени кои предвидуваат носење маски на отворено, забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22:00 часот (паркови, јавни површини), како и ограничување на бројот на гости во домовите на максимум четворица.

Како што најавија министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, се планира и отворање пункт за корона-тестирање во Ѓорче Петров, а до крајот на неделава ќе се знае и дали ќе може да се прават КОВИД тестови во приватните лаборатории, на сметка на Фондот за здаравствено осигурување.

Последниот, вчерашен корона-биланс е 247 нови случаи, 321 оздравен пациент и 15 починати. Здравствениот систем, иако оптоварен во сите сегменти, има капацитет да се справува со ситуацијата, но мора и граѓаните да помогнат со своето однесување – да бидат совесни и максимално одговорни прво кон своето, а потоа и кон здравјето на останатите, апелираа Филипче и Караџовски.

Токму измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести кои денеска се пред пратениците, се во насока на спречување на ширењето на коронавирусот без воведување ригорозни мерки како што е полициски час.