Вистинска Пи-Ар катастрофа и се случи вчера на владејачката СДСМ. Организираа марш насловен „Чекориме за правда“ во кој доживеаја тотално фијаско. Нема да објаснувам колку целото шоу беше лошо, затоа што така би навлегол во материјална расправа. Оние од власта кои ќе го читаат ова, самите во себе знаат колку тапа поминаа. Веројатно и доцна синоќа и утрово шепотат за тоа во своите кулуари.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Ќе бидам фер кон СДСМ и ќе им откријам зошто вака лошо излезе. Па самите нека мерат и нека премеруваат. Во овој момент, кога е околу 5% позади ВМРО-ДПМНЕ, Заев и самиот знае дека колку-толку има шанси за достоинствен резултат на изборите на 12 април, па потоа со некакви постизборни калкулации би можел дури да издејствува и широка влада.
Бесплатно (затоа што никој во државава нема доволно пари да ме плати), на лидерот на СДСМ ќе му објаснам зошто му се случуваат вакви организациски и пропагандни утка. Со мојата дијагноза знам дека нема да му помогнам, затоа што на оној кој ита кон дното мислејќи дека се искачува на врвот, едноставно не може да му се помогне. Таков беше Груевски во 2016, таков е Зоки сега. Но сепак, дијагнозата ќе ја дадам.
Моите пријатели во СДСМ ме брифираат дека раковотството на партијата и претседателот Зоран Заев, веќе подолго време се заљубени во феноменот Коста Петров. Овој писател од нигде влезе во политика, го лансираа како потпретседател на партијата и важи за пропаганден гуру на СДСМ. Нешто како на времето Мартин Протуѓер во ВМРО-ДПМНЕ (со тоа што Протуѓер е мрачен гение, а овој е обичен лажго).
Коста Петров на македонската јавност и стана познат пред десетина години, кога ја објави својата мотивациска книга „Се гледаме на врвот“ во која тој на обичниот македонец му нуди рецепт како да стане успешен. Оваа книга многу се продаваше низ годините, иако се работи за генеричко лажење! Имено, Коста Петров никогаш, ама буквално никогаш не бил на врвот и не поседувал успешна мултинационална компанија за односи со јавноста со светски познати клиенти, иако тоа го тврди во книгата.
Компанијата на Петров, „Пи-Ворлд“ која сега е ликвидирана, во своите завршни сметки никогаш нема прикажано повеќе од 100.000 евра годишен обрт (за профит да не говориме). Тоа е далеку од врвот, кога ги гледав завршните сметки и кога приметив колку наликуваат на оние на моето мало фирмиче кое го издава овој портал, си реков „Па Љупчо, ти си бил на врвот у пич*у материну!“. Парите на Коста годишно ги врти некоја мала книжарница, сендвичара или сервис за чистење со десетина вработени.
Нормално и јас и Коста сме далеку од врвот, со една разлика што јас никогаш не сум напишал мотивациска книга за тоа. Практично, Коста Петров има заработено повеќе од својата книга во која објаснува како успеал во бизнисот, од што има заработено од самиот бизнис. Во моето друштво таквите ги викаме преваранти.
Ако парите кои од „Пи-Ворлд“ ги заработувал Коста се врвот, верувајте почитувани читатели дека е подобро никогаш да не стигнете до него! Подобро ви е вака, со некоја скромна платичка… Барем нема глава да ве боли.
Одиме понатаму, во едно негово скорашно интервју, овој моделиран „Пи-Ар Волшебник“, на новинарката Биљана Секуловска и објаснуваше дека тој работел на многу кампањи на многу светски политичари а имал и клиенти во Америка. Кога Секуловска го праша да даде некој пример, тој одговори „Тоа е деловна тајна!“. Ви се молам, деловна тајна??? Па сите големи компании за односи со јавноста, јасно си ги пишуваат своите клиенти во портфолио. Дури и медиумите ги повикуваат директорите на интервјуа за да дознаат што следно ќе преземе политичарот клиент. Пример, компанијата „Crosby Textor Group“ која работи кризен пи-ар за многу познати светски политичари и партии и е една од најуспешните на планетава, своите клиенти таксативно си ги наведува на својот веб сајт.
Во тој свет нема „деловни тајни“, односно тие постојат само кога некому сакате да му правите филм. Практично, никој во светот на политичката пропаганда, кој живее подалеку од „Табановце“ никогаш не слушнал за Коста Петров. Ова значи дека исто како и ситуацијата со врвот, така и со клиентите – Коста не лаже сите, ја лаже целата македонска јавност и одозгора на тога го лаже својот шеф Заев.
Е сега, оваа превара од човек на кој најголем успех му е што напишал неколку стиха од песна на Тамара Тодевска е оној кој ја води целата пропаганда на власта! Можете да замислите какви очекувања им наметнува на своите претпоставени а во суштина, таму нема ништо друго освен помпа и копирање на најлошите пропагандни потези на ВМРО-ДПМНЕ под Никола Груевски.
На многумина во македонската јавност не им е јасно зошто вчера воопшто маршираа. Не им беше јасно и на кутрите административци од низок ешалон со сендвич во рака кои беа прашувани од новинарите. На многумина од СДСМ сеуште не им е јасно, како е можно власт да излезе на протест и да бара правда? Мене, уште синоќа високи функционери на СДСМ ми ја расчистија дилемата!
Многу е едноставно, Коста Петров снимал спот! Да, да, да, Коста Петров снимал спот за претстојната кампања и затоа било потребно да се вложат толку пари, да се ангажираат автобуси, да се донесат луѓе, да се направат сендвичи. Му требало на човекот некое кадро плус за во спотот, си измислил причина за тоа и партијата го послушала и се му испорачале.
Дури и сега не можам да верувам дека само поради снимање на спот овие организираа протест. Колегите новинари кои ги контактирав ми кажаа дека имало високо квалитетни камери кои фаќале кадри (различни од репортерските со кои се покриваат вакви настани), но и софистицирани дронови. Хај-тек била работава, спот се снимал за кампања.
Нешто слично Коста Петров примени минатата недела, кога собраа партиски активисти за прес. Тогаш на сите присутни новинари ни стана јасно дека снимаат спот. Ама ова, да довлечкаш луѓе со автобус за спот да снимаш, навистина ми е за неверување.
Ден после ова, цела држава го зафркава Заев поради синоќешното фијаско. А тој и понатаму слепо му верува на Коста. Можеби заедно практицираат и „кабала“. Чим Заев го фатил овој правец, наместо на врвот, со него наскоро ќе се видиме на дното. Затоа што на врвот, нема анкети кои покажуваат вкупна популација од 101%!
На врвот луѓето успехот си го прикажуваат со завршни сметки, со листа на клиенти. На врвот луѓето на лажат, туку се скромни и посветени на она што го работат.