На штотуку завршената 84-та владина седница, едногласно беше усвоен предлогот Сашо Тасевски, магистер по безбедност и докторант на Факултетот за безбедност, да биде назначен за нов директор на Бирото за јавна безбедност.
Тасевски и е познат на јавноста како полицискиот службеник од обезбедувањето на премиерот Заев, кој извади пиштол и пукаше како предупредување за време на инцидентите во Собранието на 27 април.
Тој доаѓа на местото на Лазо Велковски, кој беше сменет од функцијата по аферата со полицискиот џип кој беше виден во Грција и со кој наводно се возела ќерка му на одмор, а немаше соодветен налог да ја докаже основаноста на патувањето.
Сашо Тасевски е магистер по безбедност и докторант на Факултетот за безбедност во Идризово. Од 2001 година има работено кај претседателот на државата Бранко Црвенковски, во одделот за странски делегации, потоа кај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На почетокот на кариерата бил припадник на единицата за специјални задачи „Тигар“. Има посетувано курс за обезбедување ВИП личности во САД, во 2004 година.
На денот кога во Кривичниот суд за денеска е закажано првото рочиште за случувањата во Собранието на Република Македонија од 27 април минатата година, датум кога е и направена оваа фотографија и кога ја докажа своја висока професионалност, Тасевски е поставен за прв човек на БЈБ.