Новинарот Сашо Ордановски во текст објавен на порталот „ЦивилМедиа“ се впушти во одбрана на Сашо Мијалков, по објавата на „Лидер“ дека ексдиректорот на УБК е дел од скандалозната телеграм група „Јавна Соба“ во која се споделуваа нелегално стекнати порнографски материјали од Македонија.
Во текстот на Ордановски се наведува дека „дали Мијалков имал или немал свој „акаунт“ во таа група, ќе го покаже истрагата што се води во МВР“. Според новинарот, Мијалков е една од најконтроверзните личности во современата македонска политика и омразата кон него – со право – ја споделува необично голема, „демократски“ распределена публика во сите партиски и политички дресови.
-После сè што дознавме дека тој го правел и во што бил вмешан, нема многу причини, а и луѓе, кои би се ставиле во негова јавна одбрана. Тој е доволно искомпромитиран, што неговото евентуално учество во група како „Јавна соба“ само ќе ја потврди гадливоста со која се спомнува неговото име, со сличен денешен интензитет каков што беше некогаш стравот со кој се шепотеше името на „началникот“, стои во објавата на Ордановски.
Економски Лидер вчера вечер објави дека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е дел од скандалозната телеграм група „Јавна Соба“ во која се споделуваа нелегално стекнати порнографски материјали од Македонија – покажува истражувањето на “Лидер”.
Новинарите на „Лидер“ повеќе од еден месец беа инфилтрирани во групата во која се споделуваа експлицитни материјали, а проверката покажа дека тој бил вклучен преку акаунт со телефонски број кој на новинарите им е познат како негов.
По обелоденувањето на скандалот во медиумите, Мијалков излезе од групата.