Злосторничко здружување со мрежа на корумпирани нотари, извршители и судии, се обидуваат да ми го одземат деловно-хотелскиот објект што го градам на скопскиот плоштад познат како „Офицерски дом“, вели рускиот бизнисмен и почесен конзул во Македонија, Сергеј Самсоненко, во интервју за Фокус.
-Се сомневаме дека се работи за организирана шема, во спрега со фирми, посредници и судот, како и обвинителство, позната во светот како организирано преземање објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Се ова ниту може да биде случајно, ниту, пак, може да се организира без спрега со надлежните органи, вели Самсоненко.
Тој обвинува дека поранешниот управител на неговите фирми, Ратко Капушевски, и сопственикот на компанијата-подизведувач Кратер, Миле Младеновски, здружени со, според него, авокат, обвинител, судија и стечаен управник, склучиле фалсификуван договор со вметнување на извршна клаузула, кој потоа е основ за предизвикување на стечај на неговата компанија „Сис Инвест Груп“.