Македонија 18. декември 2020. / 15:31

Самохраните родители бараат итно реобмислување на мерката наменета за нив

Самохраните родители бараат итно реобмислување на мерката наменета за нив

Граѓанската организација за унапредување на правата на родителските семејства – „Една може“, побара итно реобмислување и реформирање на мерката за самохрани родители и еднородителски семејства од четвртиот антикризен пакет на Владата.

Според оваа организација, документите од матичната книга (родени, умрени, венчани) кои се бараат при аплицирањето, се издаваат во рок од пет до 10 дена и ова е првата неможност за користење на мерката. Тие истакнуваат дека многу коментари пристигнале на нивната онлајн платформа од жени-самохрани мајки, кои не успеале да аплицираат за мерката.

Меѓуопштинскиот центар за социјални работи е најсоодветен по службена должност да ги обезбеди потребните документи за секоја самохрана мајка што ќе се пријави, а треба да се промени и остварениот приход од јануари – август од 120.000 на 200.000 денари за да ги опфати сите самохрани мајки што земаат плата под просечната – сметаат од „Една може“. Оттаму посочуваат и дека на 14 декември веб-страницата на „Службен весник“ била целосно недостапна за граѓаните. Тој ден, всушност, на страницата било назначено што е самохран родител и што треба да поднесе од документација ако сака да аплицира за мерката.

Според Законот за финансиска помош за ранливите категории, листата на самохрани родители корисници на финансиска поддршка ја изготвува УЈП и ја доставува до Генералниот секретаријат на Владата, во рок од пет дена од денот на неговото влегување во сила.